Британската премиерка Тереза Меј се очекува денеска да побара повеќе време за преговори со ЕУ за „бекстоп“ протоколот во однос на ирската граница.
„Бекстоп“ е своевидна безбедносна мрежа која гарантира дека нема да има „тврда граница“ меѓу двете Ирски, дури и ако Велика Британија излезе од ЕУ без договор.
– Разговорите се во круцијална фаза, рече Меј пред обраќањето пред парламентот.
– Сега треба да ги сочуваме нервите за да ги добиеме промените кои ги бара Законодавниот дом и да го спроведеме Брегзит на време, потенцираше Меј. – Добивајќи ги промените што ни се потребни за „бекстоп“, со заштита и унапредување на правата на работниците и заштита на животната средина и со зајакнување на улогата на парламентот во следната фаза од преговорите, верувам дека можеме да постигнеме договор што овој Дом може да го поддржи, потенцираше премиерката.