Вечерва со почеток во 20:00 часот во Jazz club ДЕПО, Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ во соработка со Светското поетско движење (World Poetry Movement) се приклучуваат на новата глобална акција „Свет без ѕидови“ и со тоа ја мапираат Струмица како дел од градовите во светот кои ја подржуваат оваа иницијатива и самото меѓународно поетско движење, соопштија оттаму.
„Македонија е учесник во ова движење со организација на два поетски настани во Скопје и Струмица. На настанот во нашиот град ќе настапат: Ице Беличев, Сузана Мицева, Ѓорги Калајџиев, Вања Изова Велева, Стефчо Стефанов и Митко Гогов (модератор).
Настанот е предвиден како портретирање на поетскиот опус на авторите со поезија која содржински ја обработува конкретната тема, а секако доколку некој од публиката сака да се вклучи со сопствени стихови ќе може да го направи тоа по завршувањето на официјалниот дел од програмата.
Денес можеме да сведочиме на разни места во светот (од Америка преку Европа, Среден Исток до Индија…) како се издигнуваат нови ѕидови кои ги разделуваат луѓето. Бетонски ѕидови, ѕидови од бодликави жици, или невидливи многу високи ѕидови изградени за пари и за нерамноправност. Светското поетско движење се залага за свет ослободен од секаква дискриминација меѓу луѓето поради нивната боја, национална или верска припадност, род, социјална положба и верувања. Поезијата ги урива ѕидовите, ѕидовите меѓу нас и ѕидовите внатре во нас. Затоа во текот на месецот февруари 2019 година низ повеќе од 145 земји ширум светот, со потврдени 905 настани во 384 градови ќе се одржуваат поетски читања, поетски акции сплотени со танц, музика и театар“, се наведува во нивното соопштение.