Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик изјави дека нема причина за стравување од војна и дека мора да се сочува мирот и да им се даде можност на луѓето да одлучуваат.
Во интервју за „Глас на Америка“, на прашањето дали постарите генерации имаат причина за стравување од евентуален судир, Додик одговара дека не е можна војна.
„Ма каква војна, нема ништо од војна. Глобалниот развој на ситуацијата во тој поглед би можел можеби нешто да ни донесе, но внатрешните односи не можат да произведат таков вид приказна. Ние не сме лишени од глупостите наречени тероризам, но граѓанска војна меѓу луѓето овде не е можна“, истакна Додик.
Според него, без оглед на тешката политичка состојба, неговата улога е првенствено да се сочува мирот и да им се овозможи на луѓето да одлучуваат, како и тоа дека каква било ескалација би била погубна за сите.
Тој додаде дека во БиХ, преку медиумите, е создадена приказна дека Република Српска деноноќно работи на нешто лошо.
„Создадена е некоја приказна, особено во медиумите во Федерацијата, за тоа како РС работи деноноќно за да направи лошо. Ние, правејќи добро во РС, правиме добро и на БиХ. Често во Сараево се среќавам со луѓе кои ми честитаат за изградбата на автопатот од Добој до Бања Лука кон Градишка. Исто така, има многумина кои патуваат од Сараево до Загреб преку тој пат и нема никаква разлика. На сите им е достапен“, рече Додик.
Тој смета дека се претерало во конзумирањето странско присуство и наметната странска идеологија.