Потпишан Протоколот за приемот на Македонија во НАТО

Од:

Амбасадорите на 29 земји членки на Северно-атлантската алијанса денеска во седиштето на организацијата го потпишаа Протоколот за членството на Македонија во НАТО.

На церемонијата во седиштето на Алијансата, во Брисел, присуствуваше министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој утринава директно допатува во Брисел од Вашингтон.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на почетокот изјави дека „ова е историски момент за земјата. Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас покажаа голема храброст со постигнувањето на Договорот од Преспа, со што придонесоа и за стабилноста и безбедноста на регионот“.

„Тоа беше тежок пат, исполнет со компромиси. Долго време Ве чекавме да ни се приклучите во семејството. Веќе придонесувате за нашата заедничка сигурност. Придонесувате кон нашата мисија во Авганистан, за промовирање на регионалната соработка во Југоисточна Европа, а исто така, спроведувате значајни реформи. НАТО обединува речеиси милијарда граѓани ширум Европа и Северна Америка. Со тоа што ќе се приклучите кон НАТО, ќе има триесет земји кои ќе се грижат за меѓусебна заштита. По потпишувањето следува процесот на ратификација и не се сомневаме дека ќе биде ратификуван во сите држави членки“, изјави Столтенберг.

Тој потенцираше дека од денеска македонски претставник ќе биде на масата на НАТО.

„Откако сите сојузници ќе го ратификуваат Протоколот, Скопје ќе стане 30-тиот член на Алијансата. Членството ќе ви даде седиште во Северноатлантскиот совет. Ќе имате еднаков глас во обликувањето на одлуките што ги носиме како сојузници. Од денес, вашата земја ќе учествува на состаноците на НАТО. Со нетрпение го очекуваме добредојде на министерот за одбрана Радмила Шекеринска уште наредната недела. И да го поканиме премиерот Заев на лидерскиот состанок во Лондон во декември“, нагласи генералниот секретар на Алијансата.

„Шефот на македонската дипломатија кажа дека „ова беше долг пат што пред многу години го почнавме со уште девет земји, Македонија наскоро, со стапувањето во сила на уставните измени, ќе стане Северна Македонија. Со ова ја исполнуваме стратешката цел-членство во НАТО. Ова е резултат на работа на многу генерации и должност на нашата генерација“, рече Димитров.

Според него, ова не било лесно да се постигне, но, сепак, оваа генерација успеа со договорот меѓу премиерите Заев и Ципрас, како и со поддршката од бугарскиот премиер Бојко Борисопв и потпишаниот Договор за добрососедство.

„За нас членството во НАТО е преминување на страната на сигурноста, тоа прашање на сигурност, стабилност, вредности и граѓански слободи“, додаде Димитров.

На крајот Димитров објасни дека „патот што го изминавме не направи позрели“. – Ги решивме сите проблеми со соседите и тоа во регион што се уште се соочува со одредени несигурности. Патот не е завршен, но сакаме да го одиме заедно. Македонија ќе ги исполни реформите што ги вети. Од денеска мојата земја станува навистина силна, истакна Димитров и им се заблагодари на сите амбасдори на земјите членки кои денеска ставија потпис на Протоколот.

Би можело да ве интересира

Кос: Се надеваме дека Македонија ќе ја исполни обврската за промена на Уставот

Инвестирајте повеќе во одбрана или почнете да учите руски, порача шефот на НАТО

Шекеринска: Во овој понестабилен и поопасен свет, демократиите мора да преземат акција

А1он

ВИДЕО: Италијански Ф-35 и руски Сухој на работ на инцидент над Балтичкото Море

До крајот на денот облачно и студено време со повремени врнежи од снег, најмногу снег има на Попова Шапка

Предраг Петровиќ

Се преврте камион, затворен автопатот од Демир Капија до Смоквица