Централниот одбор на НСДП денеска во Скопје одржа редовна седница со повеќе точки на дневен ред за актуелни политички теми, помеѓу кои се најдоа и отчет за сработеното и постигнатите резултати на избраните и именуваните функционери во институциите на системот, градење на став на партијата во однос на претстојните претседателски и евентуални предвремени парламентарни избори.
„Во функција на негување на внатре партиските демократски капацитети на одговорност и отчетност, повеќе носители на јавни функции од редовите на НСДП, за изминатиот период од година ипол од стапувањето на функциите до денес, пред члановите на Централниот одбор и претставници на општинските организации на партијата дадоа пресек за постигнатите резултати на институциите со кои раководат, како и осврт на прироитети кои ќе бидат во нивното работење до крајот на мандатот.
На седницата на Централниот одбор се дискутираше и за можноста за одржување на предвремени парламентарни избори, за што беше изграден став дека на Македонија во овој политички момент тие не и се потребни.
НСДП смета дека решавањето на повеќедеценскиот проблем со името и отворањето на евро-атланските перспективи пред државата поставува агенда која бара надминување на партиските и уважување на државните интереси. НСДП е на ставот дека реформите кои ЕУ ги очекува од нас како држава да ги испорачаме, за во јуни годинава да добиеме одлука за почеток на преговори, не дозволува дефокусирање на политичката енергија и блокирање на институциите на системот со брз парламентарен изборен циклус. Во оваа насока, Централниот одбор на партијата изгради став дека негувањето на демократската политичка култура во земјава бара напуштање на праксата на претходната авторитарна владејачка гарнитура на одење на брзи предвремени парламентарни избори и воспоставување на нов однос кон чинот на гласање на граѓаните, што ќе значи давање на шанса својата оценка за работењето и исполнувањето на програмските ветувања на Владата да ја дадат на избори по завршување на четиригодишниот мандат.
Во однос на претстојните редовни претседателски избори, на денешната седница на Централниот одбор беше оценето дека владејачката коалција треба да излезе со единствен кадндат кој ќе ја добие довербата не само на политичките партии кои се дел од неа, туку со својот интегритет и јасни евро-атлански ставови ќе демонстрира капацитети да ги обедини граѓаните независно од нивната политичка, етничка или религиозна припадност. Имајќи го во предвид ова, конечниот став за конкретен кандидат за претседател на државата органите на партијата ќе го донесат по завршувањето на отпочнатите процедури на негово утврдување во рамки на коалицијата“, се вели во соопштението на НСДП.