Магдалена Тодоровска студент на четвртта година -отсек соло пеење во класата на Ана Дурловска на ФМЗ при УКИМ Скопје изминатиот викенд на 26 јануари како единствен претставник на Македонија настапи на Концертот „Ѕвезди на Романсиада“ во Големиот Кремљски Дворец во Москва заедно со нејзините колеги најдоби млади гласови од светот кои изведуваат руски романси.
Концертот традиционално се одржа повод Меѓународниот ден на руската романса.
Во краткиот допис за МИА,младата Магдалена Тодоровска која сеуште е во Москва, ни изјави дека е пресреќна од овој светски настап во Големиот дворец во Кремљ каде настапи и се дружи со своите колеги од цел свет.
На концертот била придружувана на пијано од Елена Силјановска, која е корепетитор на Македонската Опера и Балет во Скопје.
-Пресреќна сум, што бев дел од овој голем светски концерт и оваа голема светска сцена ,со колеги од цел свет. За овој светски настап јас како единствен соло изведувач од Р. Македонија вложив огромен труд , за на најубав можен начин преку врвен музички настан да ја презентирам нашата земја. За настапот добив долг и силен аплауз од бројната публика. Тоа ме прави среќна и ме мотивира да продолжам со својата успешно започната соло кариера, најави Тодоровска.
Таа за својот настап искажува голема благодарност кон своите професорка Ана Дурловска и пијанистката Силјановска, како и Танцовото шоу „Валери“ од Москва кои со својата кореографија го збогатиле нејзиниот настап.
Упати благодарност и до Валентина Тодоровска која го изработила нејзиниот свечен фустан за настап и до Max Edilsultanov за нејзиниот комплетен изглед.
Магдалена упати голема благодарност и до Амбасадата на Русија во Македонија и ЛУКОИЛ Македонија кои и помогнале да замине на овој настап во Москва.
Инаку настапот на Магдалена Тодоровска во Дворецот Кремљ во Москва е резултат на освоеното првото место на натпреварот „Балканска романсиада”, кој во ноември се одржа во Рускиот Културно информативен центар во Софија. Таа тогаш била забележана и ја добила поканата за учество на овој меѓународен концерт на Романсијадата во Дворецот Кремљ во Москва, од членот на жирито, почесен маестро Галина Преображенскаја, а која воедно е основоположник и уметнички директор на Московскиот меѓународен натпревар за млади изведувачи на руските романси „Романсиада“.