Земјите од ЕУ кои членуваат во Советот за безбедност на ОН одржаа состанок во Брисел, на кој беше истакната важноста од европска координација на глобално ниво, јави дописничката на МИА во Брисел.
На состанокот беа присутни претставниците на петте земји членки на ЕУ и на Советот за бебзедност – двете постојани, Франција и Велика Британија и трите привремени – Белгија, Германија и Полска. На средбата присуствѕваше и високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини.
– Имаме одговорност да ги координираме нашите позиции, да ги претставиме пред Советот на безбедност европските гледишта за мирот и безбедноста и нашата поддршка за мултилатералниот систем на ОН, истакна Могерини по состанокот.
Според неа, единството на земјите на ЕУ имаат влијание врз нивниот капацитет да се координираат со другите земји за да имаат мнозинска позиција во Советот за безбедност на ОН.
Високата претставничка во март треба да отпатува во Њујорк за да ги презентира акциите кои ги презема ЕУ, а истиот месец во Брисел ќе престојуваат амбасадорите на сите земји членки на Советот за безбедност на ОН.
Могерини смета дека ЕУ сѐ повеќе „зборува со еден глас“, при што го наведе примерот на британскиот амбасадор во ОН, Џереми Хант, кој на 26 јануари пред Советот на безбедност ја презентираше европската позиција за Венецуела.
– Како што истакнаа сите присутни министри за надворешни на состанокот, соработка е исклучително важна за европските земји кои заедно одат кон повеќе мерки кои ќе го зајакнат мултилатерализмот на светската сцена, изјави шефот на белгиската дипломатија Дидие Рејндерс.