Предлогот на пратеничката група на СДСМ и Коалицијата да се одложат спорните одредби од Законот за трговија на зелените пазари за една година, со единствена цел да се најде соодветно и достоинствено решение ќе биде ставено на денешната собраниска седница, рече Костадин Ацевски од СДСМ.
– Верувам дека сите пратенички групи ќе го поддржат овој предлог и преку заеднички консултации со сите засегнати страни ќе дојдеме до одржливо решение во интерес на сите. СДСМ иницираше одложување на спроведувањето на измените, со цел да се овозможи време преку широк процес на консултации и дебата, да се дојде до заедничко решение. По усвојувањето на овие законски измени, како пратеничка група почнуваме процес на консултации со сите засегнати страни, рече Ацевски.
Тој додаде дека инситуциите, продавачите и организаторите на пазарите неопходно е на заедничка маса да дискутираат како да се подобри организацијата на работата на пзарите и да се дојде до решенија со кои ќе се заштитат сите засегнати страни.
– Земјоделците, пензионерите и сите пазарџии да бидат спокојни, ќе се најде решение со кое секој ќе може достоинствено и чесно да си заработи денар плус, но и решение кое ќе обезбеди начин за сузбивање на сивата економија, рече Ацевски.