Полицијата во Луизијана, САД уапси опасен убиец, кој ги застрелал родителите и уште три лица. Властите го пронајдоа во Вирџинија 21-годишниот Дакота Териот, кој учествувал во две престрелки кои се случиле во близина на Батон Руж, при што се мртви пет лица.
„Ова е веројатно еден од најстрашните инциденти на семејно насилство што сум ги видел во последно време“, изјави шерифот Боби Вебре.
Териот е обвинет за убиство на неговите родители, Елизабет и Кеит Териот на 50 годишна возраст во градот Гонзалес. Тие биле се уште живи кога полицијата дошла во нивниот дом по пукањето и го посочиле нивниот син како извршител на насилството. Двајцата подоцна починале во болница.
Осомничениот е обвинет за убиство од прв степен, илегална употреба на оружје и за семејно насилство. Тој кратко време живеел заедно со родителите кои потоа му кажале да замине од дома и повеќе да не се враќа.
Полицијата смета дека тој ги убил своите родители, откако претходно ја застрелал поранешната девојка, нејзиниот брат и татко и. Жртвите – Били Ернест (43), неговиот син Танер (17) и 20-годишната Самер беа пронајдени мртви во саботата изутрина. Териот и Самер Ернест до скоро биле во врска.
Неповредени останале двете најмали деца од семејството Ернест, кои имаат под 8 години. Тие по пукањето веднаш истрчале кај соседите и кажале што се случило.
Мотивите за убиствата се истражуваат.