„Слободен и среќен“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи овој четврток, на 24 јануари во 20 часот, прв концерт во новата 2019 година. Како солист, за првпат на македонската музичка сцена, ќе се претстави победничката во категоријата „Откритие“ на натпреварот „Победници на музичката класика“, француската трубачка Лусјен Ренодин-Вари, која се смета за една од т.н. надоаѓачки музички ѕвезди чиј уметнички пат веќе е послан со рози.
Лусјен Ренодин-Вари ќе го изведе атрактивниот Концерт за труба и оркестар во As-dur од ерменскиот композитор Александар Арутунијан. Диригент е маестро Петер Феранец од Словачка, а на програмата се и Увертирата за оркестар во C-dur („Трубачка“), оп. 101 од Феликс Менделсон, како и лирската Симфонија бр. 3 од Јоханес Брамс.
Лусјен Ренодин-Вари е родена во 1999 година, а класична труба студирала најпрвин на конзерваториумот во Ле Ман, за потоа да продолжи на конзерваториумот National Superieur во Париз (2014) каде што била единствената студентка која во исто време учела класична и џез-музика. На само 11 години, Ренодин-Вари победила на натпреварот Selmer-Le Parnasse освојувајќи ја третата награда на Европскиот натпревар за млади трубачи d’Alencon. Оттогаш станува победничка на први награди на сите натпревари на кои учествувала, во Белгија, Франција и САД.
Постојано е присутна на фестивалите низ Европа, во Финска, Русија, Турција, Германија, настапува како солист со видни оркестри, а нејзините снимки на кои свири разновидна програма од областа на класичната, но и на популарната музика веќе ги освоија срцата на публиката во светот. Неодамна го направи своето деби и со Лондонскиот камерен оркестар и маестро Владимир Ашкенази, изведувајќи го Концертот за пијано бр. 1 од Дмитриј Шостакович, за пијано и труба, заедно со Данил Каритонов во Турција. Ексклузивец е за „Ворнер класикс“, а нејзиниот деби-албум излезе во 2017 година. Насловено „Гласот на трубата“, на кој се наоѓа разновиден музички жанровски спектар, ова издание ги доби сите позитивни критики, особено за магичната интерпретација на Ренодин-Вари која еднакво добро се снаоѓа во изведбата на класичните дела, кои претежно се преаранжирани за труба, како и во џез-импровизациите.
Маестро Петер Феранец (1964) е роден во Братислава каде што и дипломирал на тамошната Музичка академија во 1985 година. Истата година застанал на подиумот на Интернационалниот фестивал и семинар „Барток“, диригирајќи современа музика, и веднаш потоа ги почнал петгодишните студии во Санкт Петербург под менторство на славниот Марис Јансонс, добивајќи стипендија од Министерството за култура на Русија. Откако ги комплетирал студиите, како постдипломец во Виена, маестро Феранец бил назначен за диригент на Словачката национална опера во Братислава. Имал само 25 години и бил финалист на Интернационалните натпревари во Токио и во Будимпешта, а освоил и Златен медал на Форумот за натпревар на млади уметници во Виена.
Од 1993 година, тој диригирал повеќе оперски продукции во Виенската камерна опера како шеф-диригент. Во престижниот Баљшој театар во Москва, пак, дебитирал во 1995 година со операта „Свадбата на Фигаро“, а потоа застанал зад подиумот како диригент во тамошните продукции – „Лучија од Ламермур“, „Травијата“, „Боеми“, „Аида“, „Љубов за три портокали“… Неговото гостување како странец диригент во тогашна нова демократска Русија било револуционерно. Од 1997 до 2000 година, Петер Феранец бил гостин-диригент во Филхармонијата на Санкт Петербург, Лондонскиот филхармониски оркестар, оркестарот на градот Тулуз, Симфонискиот оркестар во Питсбург, Словачката филхармонија, Чешката филхармонија, Филхармонијата во Осло, Московскиот симфониски оркестар, Токио симфониски оркестар… Неговиот фокус повеќе е насочен кон операта, диригирајќи во престижни оперски куќи во Германија, Чешка, Франција, Русија, Норвешка.
Во сезоната 2004/2005 година, тој дебитирал и во Операта во Цирих диригирајќи неколку балетски продукции, а од 2009 до 2011 година бил шеф-диригент на Микаиловски театар во Санкт Петербург и музички директор на продукции како што се „Лебедово езеро“, „Русалка“, „Боеми“, „Заспаната убавица“… Од 2012 година Феранец бил музички директор и на Националната опера „Јаначек“ во Брно, а за време на неговата богата кариера реализирал и неколку успешни турнеи во САД (18 концерти со Симфонискиот оркестар на Баљшој), како и во Европа и во Јапонија.