Судот во Велес денес соопшти дека е правосилно одобрен планот за реорганизација на „Фени Индустри“ од Кавадарци со што и официјално заврши стечајната постапка за комбинатот низ која се бараше и нов инвеститор. Одобрен е планот на ГСОЛ, досегашниот закупец на комбинатот. Планот вторпат беше обжален на Апелација од дел од доверителите.
„Апелациониот суд Скопје го потврди решението на Основниот суд Велес со кое се одобрува планот за реорганизација на стечајниот должник Друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги ‘Фени Индустри АД Кавадарци’ – во стечај. Врз основа на наведеното, решението на Основен суд Велес за одобрување на планот за реорганизација на стечајниот должник е правосилно и претставува извршна исправа согласно одредбите од Законот за стечај“, соопшти Основниот суд Велес.
Стечајот за „Фени“ беше отворен на крајот на 2018 година поради натрупани долгови од над 60 милиони евра, а низ стечајната постапка се бараше инвеститор кој ќе ги покрие долговите и ќе понуди план за реорганизација на комбинатот без негово затворање. ГСОЛ понуди план, ги исплати долговите и ги задржа на работа вработените кои и покрај стечајот земаа плата, а од март лани беше рестартирано и производството.