Документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland) во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска светска премиера ќе има на 28 јануари, на Филмскиот фестивал „Санденс“ (Sundance) во Парк Сити, во Јута, САД.
Филмот е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“ и е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија. Реализиран е во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координиран од „Фармахем“.
„Медена земја“ раскажува за последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа – 50-годишната Атиџе која живее со својата мајка во едно напуштено село во централна Македонија. Таа се обидува да ги спаси пчелите и природниот баланс во природата и медот го дели со тие што ѝ се ресурс – пчелите. Половина зема за себе, а половина им остава ним. Тоа, според режисерите, е и главната порака спротивна на општиот консумеризам. Филмот го снимале три години и, според нив, тој е повеќеслоен, а со поентата што ја носи и самите, како што рекоа, созреале и го промениле односот кон себеси, другите луѓе и кон природата.
Продуцентот Атанас Георгиев, кој ја направи и монтажата на 85-минутниот филм, денеска на прес-конференција рече дека ретка можност е македонски филм да биде прикажан на престижен фестивал од А категорија како „Санденс“, каде што Македонија првпат ќе има долгометражен филм во официјална конкуренција на 12 филма од цел свет.
-Тоа е сериозно големо достигнување за македонската кинематографија. Имаме ремек-дело и огромна работа завршена од екипа со шест луѓе. Овој филм ќе има одличен фестивалски живот, зашто има е огромен број покани, истакна Георгиев. Медот на протагонистката од филмот, рече, ќе биде дегустиран на промотивен настан во рамки на „Санденс“, заедно со македонско вино.
Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија е уверен дека за „Медена земја“ ќе има светски интерес.
– Овој филм е доказ дека добро одбраната тема, филмско прецизно и визуелно впечатливо раскажана приказна, е предуслов филмот да биде препознаен и да го привлече вниманието, рече Тозија.
Според кинематограферите Фејми Даут и Самир Љума, работата на овој филм била големо искуство поради уникатниот пристап на снимање, кои го направиле меѓу диви пчели, а без заштитна облека. Музиката е на битолската група „Фолтин“, а музички супервизор е Рана Еид од „ДБ Студиос“ од Бејрут.
По премиерата во Парк Сити, ќе има уште четири проекции во тој град, а две се планирани и во Солт Лејк Сити.
Останува да решат на кој фестивал ќе биде европската премиера, а македонската ја планираат за годинашниот „МакеДокс“. Веќе имаат и два дистрибутера за филмот, од САД и од Германија.
„Санденс“ е најголмиот американски фестивал на независен филм. На 34-тото издание минатата година, награда за најдобар филм доби македонскиот „Види ја ти неа“ на Горан Столевски, во програмата Краток филм.