Шпанскиот тенисер Рафаел Надал, изјави дека АТП не направил доволно за да го заштити здравјето на тенисерите, кои играат на турнирите на тврди подлоги и имаат хронични повреди, кои остануваат и откако ќе ја завршат својата спортска кариера.
Тој истакна дека тенисот е единствен од големите спортови кој се игра на бетон и оцени дека лекарите треба да бидат консултирани за тоа.
Надал е во Бразил, каде што ќе учествува на вториот турнир, откако се врати по заздравувањето на повредата на левото колено.
-Не реагирам повеќе така бргу, ми недостига сила и енергија во нозете, како и сила во ударите. Тоа е она што беше карактеристично за мојата игра – изјави познатиот тенисер.
Минатата недела тој загуби во финале на турнирот во Чиле.
-Во моментов не можам повеќе да пружам. Има денови кога чувствувам дека коленото ми е подобро, а има и такви кога се чувствувам лошо. Се тоа влијае на мојата игра – изјави Надал, кој се врати на терен по седуммесечна пауза.