ВИДЕО: Градоначалничката на Арачиново со службени пари купувала суџук, мирисливи свеќи, пилешки гради и дрвени лажици

Од:

Цигари, влажни марамици, мирисливи свеќи, корпа за печење мафини, решо, дрвени лажици, чајник, се дел од работите кои општината Арачиново ги купувала со буџетот за репрезентација, кој најчесто е предвиден за службени ручеци, посети на странски делегации и работни состаноци.

До ноември минатата година, општината Арачиново потрошила околу 7 илјади евра по ресторани и кафеани, но голем дел од трошоците немаат допирна точка со репрезентација.

Па така, редовно во општината се купувале кроасани „севн дејс“, влажни марамчиња, мирисливи свеќи од лаванда,ванила, портокал, релаксирачки освежувачи за простор, кремови за раце… Општината трошела и за овошје, се купувале банани, ананас, киви. Од парите за репрезентација се издвојувало и за средства за чистење стакло, ламинат, доместос, влажни марамчиња, солна киселина, брисачи за стакло.

Но, не се застанало тука, па општината решила да се поднови и во делот на домаќинството – минатата година во јануари Арачиново се подновило со решо, дрвена лажица, чајник, тацни и лажици за чај, корпа за печење мафини и 5 алуминиумски овали.

Иако парите за репрезентација по правило се користат за ручеци и вечери, кога доаѓаат странски делегации или претставници на државни институции, општината Арачиново ги трошела на маслинки, пилешки шунки, руски салати, мастики, димено месо, босански суџук, шеќер, чоколади. Еден ваков шопинг општината ја чинел од 7 до 8 илјади денари.

Поголем дел од парите биле трошени по ресторани и кафеани, но во документите не пишува кој јадел и пиел, ниту пак со каква цел бил одржан ручекот или вечерата, а само за дел може да се види што било нарачувано со парите. Најчесто сметките изнесуваат од 50 до 100 евра, но има и сметки од 500 евра за ручек или вечера.

Градоначалничката на Арачиново, Миликије Халими два дена не беше достапна да одговори на нашите повици и да образложи дали со парите за репрезентација се купувале работи за домашна употреба или пак корпите за печење мафини биле за потребите на општината.

Трошоците за репрезентација во општините не се регулирани на национално ниво, а само дел од општините имаат донесено правилници во кои се регулира како треба да се трошат парите за оваа намена.

Мери Јордановска

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Едниот од браќата осомничени за убиството во Арачиново е во притвор, другиот е во бегство

Обвинителство: Можниот мотив за вчерашното убиство во Арачиново се должничко доверителски односи

А1он

Двајца ранети во оружен инцидент во село Арачиново

Помилуваниот Акиф Равмановски само што излезе од „Идризово“ е уапсен за убиство

Горан Наумовски

МВР: Уапсен е маж од Арачиново осомничен за убиство

Горан Наумовски

Маж од Арачиново бил ранет пред семејната куќа