Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска ги прими пратениците од Европскиот парламент Јержи Бузек, поранешен претседател на Европскиот парламент и поранешен премиер на Република Полска, Туне Келам, поранешен претседател на Парламентот на Република Естонија, Мирослав Миколашик од Република Словачка и Ласло Токес, од Република Романија, поранешен потпретседател на Европскиот парламент.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, се дискутирало за реформите и модернизацијата кои се спроведуваат во Македонија, актуелните политички и економски состојби и за европските интеграции на државата.
Премиерот Груевски ги истакнал реформите кои ги реализира Владата во насока на достигнување на европските стандарди, и силната посветеност за остварување на европските интеграции. Биле акцентирани значајноста и придобивките од Пристапниот дијалог на високо ниво кој се води меѓу нашата земја и Европската Унија, како и високите оценки и вреднувања на остварениот напредок на државата констатирани во Извештајот за напредок на Европската Комисија.