Новиот шеф на набљудувачката мисија на Обединетите нации во Сирија, Бабакар Гај изјави денеска дека во централниот сириски град Хомс и околниот Растан во тек се жестоки напади, додека од северниот град Алепо доаѓаат контрадикторни информации.
„За време на посетата на Хомс лично можев да го видам жестокиот напад со артилерија и проектили во квартовите во овој град, изјави генерал-полковник Гај“, додавајќи дека градот Растан е значително оштетен во проектилскиот оган во судирите.
„Покрај улиците стојат оштетени тенкови, јавната инфраструктура, како што се мостовите е уништена, а куќите на главните патишта во градот претрпеа голема штета“, истакна Гај.
Тој се состанал и со гувернерот на провинцијата Хомс и со припадниците на бунтовничката Слободна сириска војска и ги повикал двете страни да се воздржат.
Гај исто така изрази сериозна загриженост и поради насилството, кое го предизвикуваат двете страни во судирот во Алепо, најнаселениот сириски град, каде регуларната војска веќе трет ден ги напаѓа бунтовничките позиции.
Државните медиуми известуваат дека војската го „исчистила“ југозападниот кварт Салахедин од бунтовници и им нанела големи загуби, како и дека изведува успешни операции во други делови на градот. Бунтовниците, пак, тврдат дека се уште ги држат своите позиции, а активистите само известуваат за продолжение на жестоките судири.