Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска повика на „единство“ во Европа во однос на одбраната и безбедноста во обраќањето на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
Овогодинешниот Светски економски форум започна само неколку часа по инаугурацијата на Доналд Трамп, новиот американски претседател, кој беше одбележан со говор за најголемата важност на САД во светските работи и дипломатијата, како и со издавањето низа протекционистички декрети.
„Потребна ни е обединета европска безбедносна и одбранбена политика“, рече Зеленски и додаде дека Европа треба да знае како да се брани и повеќе да не зависи од САД, посочувајќи на заканите што ги носи сојузот на Иран и Русија за европскиот континент.
Тој, исто така, рече дека се прашува за намерите на Трамп во врска со поддршката на НАТО.
„Дали претседателот Трамп ќе и посвети исто внимание на Европа? Дали смета дека НАТО е неопходен? И дали ќе ги почитува европските институции?“, се запраша Зеленски, а во исто време оцени дека САД се „неопходен сојузник“.
Зеленски, исто така, рече дека Вашингтон отворено стави до знаење дека неговите безбедносни приоритети се на Блискиот Исток и на азиско-пацифичкиот регион.
На почетокот на јануари американскиот претседател ги критикуваше членките на НАТО и побара од нив да го зголемат своето финансиско учество за одбрана на пет проценти од нивниот БДП.
Украинскиот претседател, исто така, ја повика Европа да инвестира во украински беспилотни летала, за кои стана специјалист за време на речиси тригодишната руска инвазија.
На почетокот на јануари Зеленски зборуваше за „непредвидливоста“ на Доналд Трамп, што, според него, може да помогне да се стави крај на војната.