Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Ен-Би-Си „Meet the Press“ за време на Минхенската безбедносна конференција јасно стави до знаење дека никогаш нема да прифати мировен договор меѓу САД и Русија за кој би се преговарал без учество на Украина.
„Никогаш нема да прифатам какви било одлуки меѓу САД и Русија за Украина, никогаш“, рече Зеленски.
Состаноците во Минхен ги собраа клучните фигури од администрацијата на Трамп, неколку американски сенатори, европски лидери и самиот Зеленски за да разговараат за идните мировни преговори. Зеленски ја коментираше улогата на претседателот Трамп, иднината на НАТО и заканите што Русија ги претставува за другите европски земји.
Зборувајќи за можноста за преговори меѓу Украина и Русија, Зеленски ги повика европските сојузници да се приклучат на преговорите, предупредувајќи на можни последици доколку Русија не биде запрена. Тој особено ја нагласи опасноста од голем руски напад врз Европа, споменувајќи ги воените активности во Белорусија и ризикот за Полска и Литванија.
„Знаеме дека не успеа да не заземе, но не знаеме каде ќе оди понатаму. Постои ризик Путин да ги нападне Полска и Литванија, бидејќи веруваме дека ќе води војна против НАТО“, рече Зеленски.
Зеленски предупреди дека повлекувањето на САД од НАТО ќе биде катастрофално: „Ако САД се повлечат, тоа би значело уништување на НАТО. Без американската воена закана, Русија ќе започне да окупира делови од Европа, особено поранешните советски држави“.
Зеленски ја пофали поддршката на американските лидери за Украина, но нагласи дека не постои светски лидер кој може да постигне договор со Путин без Украина. „Мислам дека Путин е малку исплашен од претседателот Трамп и дека Трамп има можност да го турне на сериозни мировни преговори“, рече тој.
Сепак, тој го предупреди Трамп дека во разговорите со Путин секогаш мора да остане лојален на Украина: „Сакам Украина да биде приоритет на Трамп, а не Русија. Се надевам дека сме поважни“.
Зеленски додаде дека никогаш не треба да им се верува на зборовите на Путин за прекин на огнот, потсетувајќи на неуспешните мировни преговори со Русија во 2019 година.
„Путин е убиец и тој никогаш нема да се промени“, рече Зеленски. „Тоа е дијалог со терорист и нашите сојузници мора да ни помогнат да го запреме.
Коментирајќи ги изјавите на администрацијата на Трамп дека враќањето на териториите окупирани од Русија во 2014 година е нереално очекување, Зеленски беше јасен: „Законски никогаш нема да ги признаеме окупираните територии како дел од Русија“.
Сепак, тој призна дека може да се разгледа дипломатски договор доколку тоа значи членство на Украина во НАТО. „Ако сме во НАТО, тогаш враќањето на територијата преку дипломатски средства би имало смисла. Наш приоритет, се разбира, е да не губиме луѓе.
И покрај сите предизвици, Зеленски верува дека Украина може да ја добие војната, но тој призна дека тоа ќе бара огромни жртви. „Секако дека можеме да победиме, но со голема цена. Доколку нашите партнери не помогнат, ќе биде тешко и многу подолго отколку што треба.