Рускиот поет Лев Рубинштајн, водечка фигура на советската андерграунд книжевна сцена, почина неколку дена откако беше удрен од автомобил, соопшти неговата ќерка. Рубинштајн се смета за еден од основачите на рускиот концептуализам, авангардно книжевно движење кое ја исмеваше официјалната доктрина на социјалистичкиот реализам во 1970-тите и 1980-тите.
„Мојот татко, Лев Рубинштајн, почина денеска“, напиша неговата ќерка Марија на блогот што го презедоа руските медиуми. Поетот создаде свој жанр, помеѓу поезијата и театарот, пишувајќи кратки реченици на перфорирани картички и читајќи „песна-картички“ на сцената.
По распадот на СССР, Рубинштајн стана познат и неговите дела беа широко објавени. Тој беше отворено непријателски настроен кон рускиот претседател Владимир Путин и редовно протестираше против засилувањето на репресијата и кршењето на човековите права од страна на Кремљ, пишува Гардијан.
Кога Путин го започна својот сеопфатен напад на Украина, Рубинштајн потпиша отворено писмо со други истакнати писатели во кое ја осудува „криминалната војна“ и „лагите“ од Кремљ. Рубинштајн не бил уапсен или гонет за време на конфликтот во Украина, соопшти организацијата за човекови права Меморијал.
„Неговата трагична смрт во јануари 2024 година, во пресрет на втората годишнина од катастрофата, изгледа горко симболична“, додаваат тие. 76-годишниот поет беше удрен од автомобил во Москва на 8 јануари, по што во критична состојба беше пренесен во болница.
Одделот за сообраќај на Москва објави дека „возачот не ја намалил брзината“ додека Рубинштајн ја преминувал улицата. Според првичните информации, осомничениот возач за 12 месеци сторил 19 сообраќајни прекршоци, соопштија од Секторот. Властите покренаа истрага за несреќата.