Драстичното зголемување на загадувањето на воздухот во Пекинг деновиве го зголемило и приливот на пациенти со тешкотии во дишењето во локалните болници, соопштија кинеските весници.
Случаите, поврзани со белодробни проблеми или тешкотии во дишењето, нараснале во кинеската престолнина за 20 отсто, покажа истражувањето на локалните медиуми.
Според еден од пекиншките дневни весници, половина новопримени пациенти во итното одделение на големата детска болница страдаат од респираторни проблеми.
Во последните денови градот се задушуваше, опколен од густата магла со штетни честички. Овој месец атмосферското загадување повеќе пати достига рекордно високи вредности. Денеска, меѓутоа, ситуацијата полека се подобри.
Амбасадата на САД, која објавува сопствени податоци и оценки, соопшти за „многу нездраво“ загадување, додека вчера информираше за „опасно“, забележуваат светските агенции.
Жителите на Пекинг во принцип немаат доверба во податоците за загадувањето, кои ги лиферува владата. Дури официјалните медиуми овој месец од властите инсистираа со барањето за повеќе транспарентност за ова прашање.
Во меѓувреме се наближува сезоната на одмори на крајот на кинеската Нова година, што предизвика расправа дали да се забрануваат или не традиционалните огномети, со кои во атмосферата се исфрлаат нови милијарди загадувачки честички.
Според весникот „Глобал тајмс“ властите уште не одлучиле дали да ги забранат ракетите и петардите, со кои жителите на Пекинг, како и сите Кинези, во овој период ги бркаат лошите духови, за на 10 февруари да ја прослават лунарната Нова година.