Традиционално, пристигнувањето на резултатите од американските претседателски избори, утринава беше следено и во Скопје, во организација на Американската амбасада.
Присуствуваа политичари, аналитичари, новинари. Беа претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, поранешни и сегашни пратеници, министри во Владата, лидери на политички партии, дипломатскиот кор, претставници на здруженија, на верски заедници и други јавни личности.
„Имаме силни врски и цврсто верувам дека Република Македонија нема подобар пријател од САД. Очекуваме односите да продолжат да се развиваат во месеците и годините пред нас, порача амбасадорот на САД, Пол Волерс.
За амбасадорот, претседателските избори во САД се пример како треба да се организираат избори.
„Секогаш кога граѓаните дебатираат и земјата ја придвижуваат напред, победници се сите граѓани, кога луѓето доброволно го вложуваат своето време и работат напорно за кандидатите и за цели тогаш нивната заедница е победник.
– И секогаш кога во земјата се одржуваат мирни и демократски избори тогаш земјата е победник. Знам дека претседателски кандидати Обама и Ромни целосно се согласуваат за ова, иако има прашања за кои имаат различни мислења. Двајцата сакаат да ја видат Америка успешна. Горди сме на нашиот демократски процес и се надеваме деак она што го видовме денеска ќе биде добар пример за земјите во светот да го следат“, рече Волерс.
Дел од присутните не беа изненадени од резултатот од изборите и очекуваат континуитет на американската политика кон регионот и Македонија.
Министерот за одбрана Фатмир Бесими изјави дека овие избори се пример за демократски организиран изборен процес од кој најмногу добија граѓаните на САД.
„Остава впечаток дека тој што ги изгубил изборите прв излегува и се обраќа на своите гласачи избирачи и му честита на неговиот конкурент, победникот. Тоа е многу јака порака за традиција за демократски избори. Во однос на Македонија и регионот без оглед која опција ќе победеше, политкиката на САД била конзистентна. Очекуваме по изборите да бидат фокусирани на темите посочени во кампањата, а во тој дел и на евроатланстските интеграции на регионот со оглед дека САД се еден од главните поддржувачи и стартешки партнери за евроатланстките интеграции на Македонија и регионот“, рече Бесими.
„Република Mакедонија има стратешко партнерство со САД и очекуваме да ја имаме силната поддршка во сите наши процеси во иднина“, рече Силвана Бонева.
Поранешниот премиер Владо Бучковски не е изненаден од победата на Обама.
„ Во изминатите 20 години македонско-американските реалации не зависеа од тоа дали на чело на САД е републиканец или демократ. Мислам дека имаат конзистентна политика и не треба да очекуваме ништо спектакуларно не само во односите кон Македонија туку и кон Западен Балкан’, рече Бучковски.
И професорот и политички аналитичар Алберт Муслиу не е изненаден од резултатите од изборот за претседател бидејќи веќе е воспоставена стандардна пракса тој што се кандидирал за втор мандат да добие.
Инаку, Обама победи и на гласањето организирано од страна на американската амбасада во Скопје.
ФОТО: Плусинфо