Израел продолжи да го бомбардира Појасот Газа во саботата, а војната против палестинската исламистичка група Хамас, која владее со енклавата, трае речиси 100 дена.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека во израелски воздушен напад врз домот на две раселени семејства во јужниот град Рафах загинале 10 лица.
Израел вели дека цели на милитантите и прави сè што може за да ја минимизира штетата на оние кои не учествуваат во конфликтот додека води урбана војна против Хамас во густо населената палестинска енклава.
Но, бројот на загинати луѓе во Газа и ужасната хуманитарна ситуација ја шокираа светската јавност и поттикнаа сè почести повици за прекин на огнот.
Израелската војска денеска соопшти дека нејзините сили убиле голем број милитанти во јужната област Кан Јунис и централниот дел на Појасот Газа. Војската соопшти дека го истражува наводниот напад во Рафах.
Хамас тврди дека неговите борци пукале во израелски хеликоптер во Кан Јунис. Жителите на централниот дел на Појасот Газа изјавија дека имало интензивни вооружени борби со тенкови и израелски воздушни напади во Ал-Буреи, Ал-Нусеират и Ал-Магази, области каде што се сместени бегалците.
Израелската војска соопшти дека цел на напад биле милитантите и командниот центар на Хамас во тие области. Израелските сили беа забележани и на работ на Деир Ал-Балах, град на запад каде Тел Авив испраќаше жители да се засолнат.
Израел најави нова фаза од војната, велејќи дека ќе започне со повлекување на своите сили од северниот дел на Појасот Газа, каде што се распоредени три недели откако милитантите го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври.
Израел тврди дека досега убил најмалку 8.000 борци и нема друг избор освен да стави крај на владеењето на Хамас во Газа, откако милитантите убија 1.200 луѓе, главно цивили, и земаа 240 заложници.