Во источноукраинските сепаратистички градови Славјанск, Доњецк и Лугањск нема да се гласа на денешните избори за претседател на Украина, бидејќи во градовите не се доставени гласачки ливчиња, изјави портпаролот на укранската Централна изборна комисија Константин Хивренко, јави ИТАР-ТАСС.
Хивренко додаде дека ситуацијата во тие градови не дозволува организирање и нормално одржување на изборниот процес.
Во Доњецката област избирачките места се отворени во седум од 22 окрузи, а во Лугањската област се гласа само во два од 12 окрузи.
Според Комисијата во источните региони не се отворени над три илјади избирачки места.
Претседателот на Комисијата, Михаил Охендовски изјави дека во Крим, кој со референдум се отцепи од Украина и се приклучи кон Русија, воопшто не се отворени избирачките места.
Над 13 илјади украински граѓани, кои живеат во Доњецката област и во Крим ќе треба да гласаат во други региони на земјата, изјави министерот за социјална политика Људмила Денисова. Според неа повеќето од нив изјавиле дека ќе гласаат во избирачки места во јужниот дел на земјата, во Одеса, Николаев и Херсон.