Грузиското Министерство за внатрешни работи вечерва соопшти дека ослободените демонстранти се уапсените од вторникот поради протестите против контроверзниот предлог-закон со кој медиумите и невладините организации кои добиваат помош од странство се прогласуваат за „агенти на странско влијание“.
Неколку часа претходно владејачката партија мораше да го повлече својот предлог, што предизвика големи демонстрации.
„Сите лица кои беа уапсени од вработени во различни структури на МВР на 7 и 8 март на демонстрации во близина на Собранието, се ослободени согласно Кодексот за административни прекршоци“, се наведува во соопштението на МВР.
Предлог-законот предвидуваше медиумите и невладините организации да бидат регистрирани како „агенти на странско влијание“ доколку „повеќе од 20 отсто од вкупните средства добиваат од странски извори“.
Демонстрантите тврдеа дека регулативата ќе биде насочена против неистомислениците на владата и ќе овозможи сузбивање на медиумските слободи. Полицијата употреби солзавец и водени топови против демонстрантите.
Противниците на законот рекоа дека тој е инспириран од законот што го користат руските власти за да ги замолчат критичарите и може да ги загрози аспирациите на Грузија да стане членка на НАТО и на Европската унија.