Австриските власти подготвуваат закон според кој полицијата ќе може покрај возачката дозвола да им го одземе и автомобилот на возачите кои значително ја надминале дозволената брзина.
„Едноставно, на нашите патишта има премногу луѓе кои не можат да бидат убедени, возачи за кои не функционираат казните и дополнителното образование. На тие лица мора да им се одземе оружјето“, рече австриската министерка за транспорт, Леоноре Гевеслер, при претставувањето на нацрт-законот.
Во предлог-законот се наведува дека на возачите кои за 60 километри на час ќе ја надминат дозволената брзина во населено или за 70 км/ч надвор од населено место, автомобилот на лице место ќе им биде одземен на две седмици.
Во тој период ќе биде проверувано дали се работи за возач што веќе бил казнуван за пребрзо возење. Доколку се покаже дека возачот веќе направил драстично прекршување на брзината, автомобилот би можел да биде продаден на наддавање.
За надминување на брзината за 80 километри на час во населено место или за 90 километри на час на отворен пат, автомобилот веднаш би бил конфискуван и ставен на аукција. Како пример, тоа би било случај кога на автопатиштата низ Австрија каде максималната брзина е ограничена на 130 километри на час, возач биде затекнат како вози со брзина од 220 километри на час.
Министерката Гевеслер рече дека мерките се во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Во Австрија годишно се бележат од 400 до 450 случаи во кои би можела да се примени новата легислатива. Измените на законот би можеле да стапат на сила кон средината на следната година.
Извор: МИА