На интернет се појави видео од линијата на фронтот во Украина на кое се гледа како беспилотно летало истура течен метал врз војници кои се кријат меѓу дрвјата.
Дронот полека прелетува преку дрворедот и остава огнена трага, а Киев Индипендент наведува дека и украинскиот и рускиот канал Телеграм тврдат дека нивната армија е одговорна за оваа ужасна новина во воената употреба на беспилотните летала.
„Дифенс експрес“, украински медиум фокусиран на воени теми, објави дека дронот е испратен од 108-та бригада за територијална одбрана и дека видеото е снимено во близина на селото Украинска во регионот Запорожје.
Eastern Ukraine, a Ukrainian drone drops molten thermite on a Russian-held treeline, setting it ablaze. pic.twitter.com/LWKDj3NGpz
— OSINTtechnical (@Osinttechnical) September 2, 2024
Се вели дека огнениот столб што се гледа на видеото е стопен термит, мешавина од алуминиум и железен оксид односно ‘рѓа.
Newsweek известува дека, кога ќе се запали, достигнува температура од повеќе од 2.200 степени Целзиусови, што е двојно пожешко од стопената лава.
Видеото е објавено и на социјалната мрежа X (поранешен Твитер) на сметката OSINT Technical која ги следи воените настани во Украина.
„Источна Украина, беспилотно летало на Украинците фрла стопен термит на редот дрвја што го држат Русите и го запали“, се вели во објавата придружувана на видеото.
Newsweek го цитира украинскиот воен центар кој вели дека стопениот термит може да навлезе и преку оклопот на возилата.