Министерството за одбрана на Русија ги обвини САД дека се одговорни за денешниот ракетен напад врз цивили во кримскиот град Севастопол, полуостров што Русија го анектираше во 2014 година, бидејќи наводно бил извршен со ракети АТАКМС, кои Вашингтон му ги доставил на Киев.
На социјалните мрежи се прошири видео на кое наводно се гледаат фрагменти од соборените ракети како паѓаат на плажа.
„Одговорноста за намерниот ракетен напад врз цивилите во Севастопол, град на Крим, е првенствено на Вашингтон, кој го испорача оружјето на Украина, но и на властите во Киев“, се вели во соопштението на Министерството. „Но, таквите постапки нема да останат без одговор“, додаваат од министерството.
Во тој ракетен напад на Севастопол, три лица загинаа, меѓу кои две деца, а околу сто беа ранети, изјави локалниот гувернер Михаил Развожјаев, назначен од Москва.
Sevastopol 👀👀👀 pic.twitter.com/t4quh3NlzG
— MAKS 24 🇺🇦👀 (@Maks_NAFO_FELLA) June 23, 2024
Во април Вашингтон објави дека испратил ракети ATACMS во Украина. Киев долго време ги бараше од Западот за да може да изврши напади понатаму зад фронтот. Во октомври Украина за прв пат употреби американски ракети АТАКМС против Русија, но оние што неодамна ѝ беа испратени имаат поголем дострел – до 300 километри.
Украинските власти се уште не го коментирале нападот врз цели во Севастопол, пристанишен град кој е редовна цел на напади, особено поради тоа што е дом на руската Црноморска флота. Крим е многу важен логистички центар за руската војска.
Во рускиот регион Белгород, во близина на украинската граница, едно лице загина, а три други се ранети во напади на украински беспилотни летала, изјави денеска гувернерот Вјачеслав Гладков.
И тој регион е многу честа цел на украински напади. Киев тврди дека така се брани од руските напади на сопствена територија.