Моторот на Ербас А320 на авиокомпанијата ИндиГо се запали за време на полетувањето од меѓународниот аеродром Индира Ганди во Делхи. Моторот се запалил во саботата вечерта во 21:35 часот по локално време, секунди пред полетувањето за Бангалор, пишува Aviation24.
Полетувањето било прекинато и никој од 184-те членови на екипажот и патниците во авионот не бил повреден. Инцидентот го снимил еден од патниците во авионот.
#WATCH | IndiGo A320 aborts its takeoff following an engine fire on departure from Delhi Indira Gandhi Airport, India. All passengers and crew evacuated the aircraft safely. pic.twitter.com/E1GBWbAtXI
— Subodh Kumar (@kumarsubodh_) October 28, 2022
Пожарот бил изгаснат за неколку моменти, најверојатно со помош на противпожарни апарати во моторите.
„Неколку секунди пред летот видов огромни искри кои излегуваат од крилото на авионот, кои се претворија во голем пожар. Авионот веднаш беше запрен, а пилотот не извести дека има дефект на моторот. Пожарот брзо беше изгаснат. Завладеа паника, екипажот не тешеше. Екипажот им даде вода на патниците. Во авионот имаше многу постари луѓе, многу деца. Луѓето почнаа да се молат, некои го одврзаа појасот и се обидоа да станат“, изјави за NDTV патник од авионот, додавајќи дека патниците останале во авионот уште 90 минути по пожарот.
Полицијата во Делхи соопшти дека сите патници и членови на екипажот се безбедно евакуирани од авионот. Засега нема информации зошто луѓето останале во авионот речиси 90 минути по инцидентот. Алтернативниот лет полета нешто по полноќ.
„Авионот со лет 6E2131 од Делхи до Бангалор доживеа технички проблем за време на полетувањето, по што пилотот веднаш го прекина полетувањето и авионот се врати во аеродромот“, објави IndiGo.