Во австриската провинција Тирол се урна голем дел од планински врв, предизвикувајќи огромен одрон. Повеќе од 100.000 кубни метри карпи паднаа во долината и предизвикаа лизгање на земјиштето. За среќа нема повредени. Карпите почнаа да се уриваат во неделата од Флухторн, планина висока речиси 3.400 метри на Алпите, на границата меѓу Швајцарија и Австрија. Геолозите тврдат дека тоа се случило поради топењето на вечниот мраз (трајно замрзната почва).
„Ова е релативно голем инцидент, зборуваме за најмалку 100.000 кубни метри срушена карпа“, рече Томас Фигл, државен геолог. Експертите го припишуваат овој колапс на топењето на вечниот мраз. Областа на почва и карпи кои долго време се замрзнати најчесто се поврзуваат со арктичките региони, но исто така се наоѓаат високо во европските Алпи, пишува Си-Ен-Ен.
„Можеме да бидеме релативно сигурни за причината за овој инцидент: вечниот мраз. Мразот е лепак на планините и се топи поради климатските промени. Тоа потоа ги предизвикува ефектите што ги гледаме овде“, рече Фигл.
Како што климатските промени предизвикани од човекот ги зголемуваат глобалните температури, се губат вечните мразови и ледените плочи, а се чини дека паѓањата на карпите во овој регион ќе станат почести.
Одроните на карпи може да предизвикаат големи проблеми за жителите кои живеат во подножјето на планините. Во мај, жителите на швајцарското село Бриенц, кое се наоѓа во близина на Давос, мораа да се евакуираат по предупредувањата дека речиси 2 милиони кубни метри карпи може да паднат врз нивните домови. Иако тоа се уште не се случило, жителите не можат да се вратат во своите домови.