Руските сили го нападнаа воениот аеродром Мирхород во регионот Полтава, што резултираше со „извесни загуби“, потврди на социјалните мрежи до неодамна портпаролот на воздухопловните сили Јуриј Ихнат.
Руските медиуми претходно објавија снимки од нападот, истакнувајќи дека се уништени пет воени авиони Су-27, а други два се оштетени. На видеото се гледа чад и оган на аеродромот.
„Како резултат на рускиот напад, уништени се пет активни повеќенаменски борбени авиони СУ-27, а два се оштетени“, соопшти руското министерство. Русија ги гаѓа украинските аеродроми токму во моментот кога Киев се подготвува да ги прими првите американски авиони Ф-16 кои Москва вети дека ќе ги уништи.
„Имаше напад. Има загуби, но не и оние што ги тврди непријателот“, набргу одговори Ихнат. Тој не соопшти детали за претрпената штета. Првичните извештаи за нападот предизвикаа бес на социјалните мрежи, при што некои ги критикуваа воздухопловните сили дека не успеале соодветно да го обезбедат аеродромот и покрај претходните предупредувања за потенцијален напад.
Ихнат се обиде да ја одбрани армијата и ги повика медиумите на умереност, предупредувајќи дека руските извори ги преувеличуваат достигнувањата на Москва „од почетокот на инвазијата“.
„Воздухопловните сили прават се за да му се спротивстават на непријателот, да го измамат, вклучително и со помош на лажни модели и други средства“, рече тој. Тој исто така нагласи дека украинските аеродроми се под постојана закана од руски ракетни и беспилотни напади.
На 16 март Ихнат беше разрешен од позицијата портпарол, но продолжи да работи во воздухопловните сили, пишува Киев Индипендент. Инаку, Русите веќе извршија интензивен воздушен напад на воениот аеродром Мирхород во јуни минатата година.