Педесет и девет лица побарале медицинска помош по денешниот пожар во московското метро од кои 15 се хоспитализирани, соопшти руското Министерство за здравство.
На реанимација е 15-годишно девојче и уште три лица. Повеќето од повреените добиле амбулантска помош.
Пожарот е целосно изгаснет во рок од 40 минути, а метрото сега нормално функционира. Истрагата за причините за пожарот е во тек.
– Пожарот, кој избувнал во еден од тунелите, каде се запалил електричен кабел, веќе е изгаснат, изјави Виктор Бурјуков од московскиот центар на Министерството за вонредни ситуации.
Поради чадот од метрото беа евакуирани 4.500 лица. Метрото е главно превозно средство во Москва и дневно го користат до седум милиони луѓе.