ВИДЕО: Од озлогласената „кланица за луѓе“ на Асад извадени мали деца затворени со мајките

Од:

Сириската група за цивилна заштита позната како Бели шлемови ги истражува извештаите дека луѓето сè уште се држат во скриени подземни ќелии во затворот Седнаја.

На платформата X, Белите шлемови објавија дека испратиле пет „специјализирани тимови за одговор при итни случаи“ во затворот со помош на водич запознаен со неговиот распоред.

Седнаја е еден од затворите ослободени откако бунтовниците ја презедоа контролата врз земјата.

Локалните власти во провинцијата Дамаск известија дека продолжуваат напорите за ослободување на затворениците, од кои некои „речиси се задушиле“ поради недостаток на вентилација. Тие апелираа до поранешните војници и затворските работници од режимот на Асад да им ги дадат на бунтовничките сили шифрите за електронските подземни врати, кои досега не успеаја да ги отворат. Тие наведуваат дека на овој начин би можеле да ослободат „повеќе од 100.000 затвореници видени на видеата“, јавува Би-Би-Си.

На социјалните мрежи кружи видео, кое исто така го објави Ал Џезира, на кое се гледаат обиди за пристап до долните делови на затворот. На видеото се гледа како маж користи метален столб за да пробие ѕид и открива темен простор зад него.

Други снимки покажуваат ослободување на затвореници, вклучително и мало дете кое било затворено со неговата мајка. Детето може да се види на видеото од ослободувањето на жените, објавено од Турското здружение на затвореници и исчезнати лица во затворот Седнаја (АДМСП).

„Падна. Не плашете се“, се слуша глас на снимката што се обидува да ги увери жените дека сега се безбедни.

Видеото потврдено од АФП покажува како Сиријци брзаат кон затворот со надеж дека меѓу ослободените ќе најдат свои роднини. Седнаја стана симбол на најлошите облици на злоупотреба под режимот на Асад, каде што илјадници приврзаници на опозицијата беа мачени и егзекутирани.

За време на граѓанската војна, која започна во 2011 година, владините сили приведоа стотици илјади луѓе во кампови, каде тортурата беше вообичаена практика, според извештаите на групите за човекови права.

Во саботата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) објави дека ослободиле повеќе од 3.500 затвореници од воениот затвор во Хомс додека ја преземале контролата врз градот. Неколку часа подоцна, ХТС прогласи „крај на ерата на тиранијата во затворот Седнаја“ со влегување во главниот град, кој стана синоним за најмрачните злоупотреби на Асад.

Во извештајот од 2022 година, АДМСП објави дека Седнаја „практично стана логор на смртта“ по почетокот на граѓанската војна. Се проценува дека повеќе од 30.000 затвореници биле егзекутирани или умреле поради тортура, недостаток на медицинска нега и глад во периодот од 2011 до 2018 година. Според изјавите на ослободените затвореници, меѓу 2018 и 2021 година биле егзекутирани уште најмалку 500 лица.

Амнести интернешнал ја опиша Седнаја во 2017 година како „кланица на луѓе“, истакнувајќи дека егзекуциите биле одобрени на највисоките нивоа на владата на Асад. Владата потоа ги отфрли тврдењата како „неосновани“ и „невистинити“, наведувајќи дека сите егзекуции следеле соодветна законска процедура.

Би можело да ве интересира

Ал Шара: Изборите во Сирија би можеле да се одржат најмногу за четири години

Турција: Целта е да се постигне договор за поморските граници со Сирија

(ВИДЕО) Нетанјаху: Израел ќе остане на планината Хермон на сириската граница додека не се постигне друг договор

Русите се повлекуваат од базите во Сирија

ВИДЕО: Масовна гробница со 100 000 илјади тела откриена во Сирија

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Експлозии во Сирија: Најсилен израелски напад од 2012 година

Катерина Ѓуровски