Млада Палестинка во поодмината бременост пешачела неколку километри во Појасот Газа со своите три деца за да го избегне израелското бомбардирање. Иман Ал Масри успеала да стигне до бегалскиот камп Деир Балах, каде што родила четворки, две девојчиња и две момчиња. Но, набрзо морала да ја напушти болницата за да направи место за другите пациенти.
„Ги дојам, но немаме доволно храна ниту пелени“, вели 28-годишната жена, која сега живее со децата и сопругот во преполната училница во локалното училиште управувано од УНРВА.
„Рациите се многу чести, децата ги држиме подалеку од прозорците“, додаде таа.
Нивниот 33-годишен татко поголемиот дел од денот го поминува надвор обидувајќи се да набави храна за семејството.
– На децата им треба млеко, а на мојата сопруга диета која содржи протеини – рекол сопругот.
За време на актуелната војна, хуманитарната помош пристигнува во Појасот Газа во многу мали количини, а нејзината дистрибуција е отежната од борбите и бомбардирањето, уништените патишта и дефектите на телекомуникациските врски.
Според Светската здравствена организација (СЗО), 13 болници во Појасот Газа делумно функционираат, дваесет болници не функционираат.
Според проценките на УНРВА, сега во Појасот Газа има околу 50.000 бремени жени, а околу 180 од нив раѓаат секој ден. Минатата недела Фондот за деца на Обединетите нации предупреди дека најмалку 10.000 деца на возраст под пет години во Појасот Газа се изложени на ризик од неухранетост.
Според Обединетите нации, 1,9 милиони од 2,4 милиони жители на Појасот Газа биле принудени да ги напуштат своите домови поради борбите, а повеќето од нив побегнале на југ.