Од 15 до 20 луѓе загинаа, а 50 до 60 се ранети во масовно пукање што се случи ноќеска во градот Левистон во американската сојузна држава Мејн, објави Си-Ен-Ен повикувајќи се на повеќе полициски извори.
Канцеларијата на шерифот на округот Андроскогин објави две фотографии од осомничениот на Фејсбук, велејќи дека тој е во бегство. Осомничениот е идентификуван. Полицијата трага по него.
Пукање имало на две локации потврди полицијата.
Централниот медицински центар Левистон соопшти дека реагира на масовното пукање и дека се координира со регионалните болници за преземање пациенти.
За настанот беа информирани и американскиот претседател Џо Бајден и гувернерката на Мејн Џенет Милс.
Ако конечниот резултат е 22 мртви, тоа би било најсмртоносното масовно пукање во САД од август 2019 година, кога вооружен маж отвори оган врз купувачите во супермаркет во Ел Пасо, Тексас, убивајќи 23 лица.
Во спротивно, исходот од 22 убиени би бил еднаков на бројот на убиства што се случиле во Мејн во текот на целата година. Имено, бројот на годишни убиства од 2012 година варира меѓу 16 и 29.
Најсмртоносното масовно пукање во САД се случи во 2017 година во Лас Вегас, кога 64-годишен пензионер отвори оган врз посетителите на фестивалот на кантри музика, при што уби 58, а рани околу 500.