Шест китови угинаа по масовно насукување на оддалечена плажа на Јужниот Остров на Нов Зеланд, додека волонтерите се тркаат со времето за да спасат 15 преживеани и да ги вратат во морето.
Вкупно 55 китови се насукаа вчера на „Farewell Spit“. Додека повеќето успеаја да се вратат во океанот, 15 завршија назад на брегот и сега се расфрлани по еден километар плажа, објавува Би-Би-Си. Волонтерите од непрофитната организација „Проект Џона“ им помагаат, полевајќи ги китовите со вода за да ги одржат ладни додека не дојде плимата. Тие имаат за цел да ги вратат животните во морето до попладне.
„Кога ќе дојде плимата, ќе треба да дејствуваме многу брзо за да ги собереме овие китови, а потоа да ги преместиме во подлабока вода“, рече Луиза Хокс од организацијата. Китовите се многу друштвени животни, па спасувачите се надеваат дека ќе ги соберат во „убава, тесна група“ за да им помогнат повторно да се поврзат и да отпливаат заедно.
Времето истекува. „Мораме да го направиме сето ова пред нивото на морето повторно да падне“, рече Хокс. Организацијата, исто така, покани волонтери да помогнат во акцијата. Одделот за заштита на природата на Нов Зеланд испрати чувари, брод и дрон во Фарвел Спит за да ја следат ситуацијата.
Масовно насукање на китови редовно се случува на оваа локација, која тие ја опишуваат како „природна стапица за китови“ бидејќи се наоѓа на нивниот миграциски пат. „Китовите лесно можат да бидат измамени од брзото опаѓање на плимата“, се вели во соопштението. Токму на оваа локација во февруари 2017 година беше забележано најголемото насукање во Нов Зеланд за повеќе од 100 години, кога повеќе од 400 китови се исфрлија на брегот.
