Германец осуден на смрт во Белорусија се појави на белоруската државна телевизија во солзи и ја молеше германската влада да интервенира во неговиот случај. „Господине Шолц, ве молам, сè уште сум жив. Не е доцна“, вели Рико Кригер додека седи со лисици во ќелијата.
Властите на Белорусија, тврдат дека Кригер (30) минатата есен пристигнал во земјата по наредба на украинската разузнавачка служба, со цел да изврши терористички напад на пругата.
“Ова беше најголемата грешка во мојот живот. Ја признавам мојата вина, без сомнение”, вели Кригер во дел од интервјуто. Во текот на 17-минутниот телевизиски пренос неколку пати се расплака. Белоруската тајна служба не и достави на меѓународната јавност никакви докази за наводните злосторства на Кригер.
Според неговиот профил на LinkedIn, Кригер претходно работел како медицински работник за германскиот Црвен крст и како службеник за безбедност во американската амбасада во Берлин. Германскиот Црвен крст потврди дека тој работел таму, пишува Гардијан.
🇩🇪🇧🇾 German citizen Rico Krieger, sentenced to death in Belarus, sent letters with a desire to become a mercenary and killer to more than 130 formations:
"I was constantly watching news from Ukraine on TV and decided that I could be useful there." pic.twitter.com/TnHAg3VjiR
— Маrina Wolf (@volkova_ma57183) July 26, 2024
Германскиот весник Тагесшпигел го цитираше неговиот поранешен колега од организацијата кој потврдил дека Кригер им кажал дека бил регрутиран да патува во Украина. „Сите претпоставувавме дека оди како болничар“, истакна колегата.
Белорусите тврдат дека Кригер направил неколку фотографии од чувствителни локации, а потоа поставил ранец со експлозив покрај пругата. Додаваат дека следела експлозија во која нема повредени. Белорусија е единствената европска земја која ја задржа смртната казна.
Казните се извршуваат со еден куршум во задниот дел од главата, а посмртните останки тајно се закопуваат во необележан гроб. Можно е Белорусија, близок сојузник на Русија, да се надева дека ќе го вклучи Кригер во размената на затвореници меѓу Русија и Западот, за која се разговара веќе неколку месеци.
Се шпекулира дека телевизиското признание е дизајнирано да изврши притисок врз германската влада. „Времето е против мене. Во секој момент би можеле да ја извршат казната. Секоја секунда се каам за тоа што го направив“, нагласи Кригер, додавајќи дека не знае зошто германската влада не вложува поголеми напори да интервенира во неговиот случај.
Русија затвори голем број американски граѓани, меѓу кои и дописникот на Волстрит журнал, Еван Гершкович. Претседателот Владимир Путин сигнализираше дека е заинтересиран за договор според кој руските шпиони и атентатори затворени во странство ќе бидат вратени во Москва во замена за западните затвореници во Русија.
Сепак, Русија нема германски затвореници од висок профил, а Путин навести дека негова главна цел во размената е Вадим Красиков, рускиот атентатор кој уби протеран чеченски командант во парк во Берлин во 2019 година.
Германските власти не ги коментираа гласините за замената, но Министерството за надворешни работи претходно соопшти дека му обезбедува конзуларна помош на Кригер и дека „интензивно работи со белоруските власти во негово име“.
Портпаролката на германската влада Кристијане Хофман денеска изјави дека Шолц бил запознаен со случајот. „Како и целата влада, Шолц е загрижен за овој настан, особено за смртната казна“, рече таа на прес-конференција во Берлин.