Неверојатна снимка од операција на мозокот на деветгодишно девојче во Индија, направена без анестезија и додека девојчето е комплетно свесно, беше објавена неделава.
Со цел да го извадат туморот од нејзиниот мозок, кој предизвикувал чести епилептични напади, индиските неврохирурзи одлучиле ризичната операција да биде изведена без анестезија, а девојчето по име Саомја да биде свесно, за да можат преку нејзините реакции да ги следат евентуалните мозочни оштетувања.
За време на шестчасовната операција, позната во хирургијата како „будна краниотомија“, девојчето свирело на клавијатура од синтисајзер и играло компјутерски игри.
„Ваквите операции се многу ризични, па моравме да се погрижиме зафатот да не биде болен, но да ја одржуваме будна, како би можеле да ги следиме нејзините реакции,“ рече д-р Абишек Чухан, кој ја предводел операцијата. Девојчето закрепнува успешно, пишуваат индиските медиуми.