ВИДЕО: Башар Ал Асад побегна, падна режимот во Сирија

Од:

Сирискиот претседател Башар ал Асад се качи на авион и го напушти Дамаск кон непозната дестинација, изјавија за Ројтерс двајца високи воени офицери, додека бунтовниците рекоа дека влегле во главниот град без никаков знак на отпор од армијата.

Илјадници жители излегоа на улиците и на главниот плоштад во Дамаск, прославуваа и извикуваа „слобода“.

„Со сирискиот народ ја славиме веста за ослободувањето на нашите затвореници и го објавуваме крајот на ерата на неправдата во затворот Седнаја“, објавија бунтовниците. Седнаја е голем воен затвор во предградието на Дамаск каде сириската влада држеше илјадници луѓе.

Само неколку часа претходно, бунтовниците објавија дека добиле целосна контрола врз клучниот град Хомс по само еден ден борби, оставајќи го 24-годишното владеење на Асад да виси на конец.

Илјадници жители на Хомс излегоа на улиците откако армијата се повлече од градот, играјќи и извикувајќи „Асад го нема, Хомс е слободен“ и „да живее Сирија и долу Башар ал Асад“.

Бунтовниците пукаа во воздух во знак на прослава, а младите ги скинаа плакатите на сирискиот претседател, чија територијална контрола пропадна во вртоглаво еднонеделно армиско повлекување.

Падот на Хомс им дава на бунтовниците контрола над стратешкото срце на Сирија и клучна автопатска спојка, одвојувајќи го Дамаск од крајбрежната област која е упориште на алавитската секта на Асад и каде неговите руски сојузници имаат поморска и воздушна база. Заземањето на Хомс е исто така моќен симбол на драматичното враќање на бунтовничкото движење во 13-годишниот конфликт. Делови од Хомс беа уништени од исцрпувачката опсадна војна меѓу бунтовниците и армијата пред неколку години.

Жителите на многу области на Дамаск вчера вечерта излегоа на протести против Асад, а безбедносните сили не сакаа или не беа во можност да ги потиснат.

Командантот на сириските бунтовници Хасан Абдул Гани утрово изјави дека се во тек операции за „целосно ослободување“ на селата околу Дамаск.

Во едно предградие, статуата на таткото на Асад, покојниот претседател Хафез ал Асад, беше соборена и распарчена.

Брзината на настаните ги запрепасти арапските престолнини и ги поттикна стравувањата од нов бран на регионална нестабилност. Катар, Саудиска Арабија, Јордан, Египет, Ирак, Иран, Турција и Русија објавија заедничко соопштение во кое ја нарекоа кризата опасен развој и повикаа на политичко решение.

Но, немаше индикации дека се договориле за какви било конкретни чекори, а ситуацијата внатре во Сирија се менуваше од час во час.

Граѓанската војна во Сирија, која избувна во 2011 година како бунт против владеењето на Асад, ги привлече големите надворешни сили, создаде простор за џихадистичките милитанти да планираат напади ширум светот и испрати милиони бегалци во соседните земји.

Хајат Тахрир ал-Шам, најмоќната бунтовничка група, е поранешен огранок на Ал Каеда во Сирија, која САД и другите ја сметаат за терористичка организација, а многу Сиријци сè уште стравуваат дека ќе наметне драконска исламистичка власт. Нема извештаи за одмазда во Алепо, кој бунтовниците го освоија пред една недела.

Либанската група Хезболах, поддржана од Иран, се повлече од сирискиот град Кусаир на границата со Либан пред да биде заземен од бунтовничките сили, соопштија денеска сириски воени извори.

Би можело да ве интересира

Сопругата на Башар ал Асад е тешко болна, во Москва се борат за нејзиниот живот!?

А1он

Турција: Целта е да се постигне договор за поморските граници со Сирија

(ВИДЕО) Нетанјаху: Израел ќе остане на планината Хермон на сириската граница додека не се постигне друг договор

Русите се повлекуваат од базите во Сирија

ВИДЕО: Масовна гробница со 100 000 илјади тела откриена во Сирија

Катерина Ѓуровски

Башар ал Асад со прва изјава по бегството во Русија, тврди: Сирија сега е во рацете на терористите

А1он