Ураганот Исаија направи хаос во САД – има загинати, стотици илјади домаќинства се без струја

Од:

Во американскиот дел на Мексиканскиот Залив, околу 68,76 отсто од дневното производство на нафта и 57,44 отсто од производството на природен гас беа прекинати поради ураганот Исаија, додека персоналот беше евакуиран од 113 производствени платформи, соопшти денеска американската Управа за морски минерални ресурси.

Според податоците од извештајот на Управата, персоналот е евакуиран од вкупно 113 производствени платформи, што претставува 30,46 отсто од вкупно 371 платформа со екипаж во американскиот дел на Мексиканскиот Залив. Екипите беа евакуирани и од осум платформи за дупчење кои немаат систем за динамично позиционирање, што претставува 72,73 отсто од вкупно 11 платформи од овој тип што моментално работат во заливот.

Постапката вклучува затворање на безбедносните вентили под површината на морското дно за да се спречи истекување на нафта или гас, со што се запира производството од бунарите во заливот и се штитат морската животна средина и крајбрежјето.

По поминувањето на бурата, сите постројки ќе бидат прегледани.

Производството од постројките што не претрпеле штета ќе продолжи веднаш по завршувањето на стандардните безбедносни проверки, додека враќањето во функција на оштетените постројки може да потрае подолго, се наведува во соопштението.

Две лица загинаа денеска во американските сојузни држави Флорида и Алабама како последица на ударот на ураганот Исаија, а повеќе од 868.000 корисници се без електрична енергија. Локалните власти изјавија дека и двата смртни случаи настанале откако стебла, соборени од ураганот, паднале врз куќи.

Иако ураганот денеска ослабе во пост-тропски циклон, Исаија сè уште претставува закана од поплави и торнада додека се движи кон внатрешноста на САД, предупредија метеоролозите и официјалните лица.

Според податоците на „PowerOutage.us“, рано утринава повеќе од 868.000 корисници биле без струја во Флорида, Алабама и Џорџија.

Би можело да ве интересира

Ураганот Мелиса засега одзеде речиси 30 животи на Карибите, денеска се движи кон Бермудите

Седум лица загинаа досега во ураганот Мелиса, најсилната бура оваа година

(ВИДЕО) Силен ураган во Русија, повредени се 11 лица

Нема загинати и повредени Македонци во погодените подрачја од Ирма

Ана Ололовска