Унгарската парламентарна комисија го одобри предлог-законот, со кој се предвидува Унгарија да не го менува времето на летно и зимско, туку да остане само на летното сметање на времето во текот на целата година.
Предлог-законот беше поднесен од пратеникот Лајош Кепли од крајнодесничарската унгарска партија „Јобик“
Неговите аргументи се дека ако Унгарија во текот на целата година го зачува летното сметање на времето, тоа ќе биде добро за психичката состојба на Унгарците и ќе доведе до зголемување на продуктивноста.
Според Кепли, бидејќи Унгарија е во источниот дел на Централноевропската временска зона, во која се повеќето земји од континентална Европа, ефектот од промената на времето е повеќе неповолен за Унгарија, отколку за другите земји од зоната.
Кепли исто така нагласи дека ако подоцна во текот на денот има повеќе сончева светлина, како во летното сметање на времето, тоа ќе биде од корист за олеснување на депресијата и за намалување на самоубиствата.