Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто го нарече надмен и арогантен повикот на неговиот луксембуршки колега Жан Аселборн, Унгарија да биде исклучена од ЕУ поради нејзината миграциска политика и ограничувањето на слободата на говорот и на независноста на судството, јави ДПА.
– Оние, како Унгарија, кои подигаат ѕидови против бегалците и кои ја потиснуваат слободата на говорот или независноста на судовите, треба да бидат исклучени од ЕУ привремено или ако е потребно у за секогаш, изјави Аселборн за германскиот весник „Велт“.
– Оградата, која Унгарија ја крева за да ги одврати бегалците, станува се подолга, повисока и поопасна. Унгарија не е далеку од издавање на наредби за пукање во бегалците, оцени Аселборн и додаде дека ако сега поднесе молба за членство, Унгарија не би билапримена во ЕУ.
Според Сијарто, со ваквата изјава Аселборн „се исклучи од групата на политичари, кои треба да бидат сфаќани сериозно“.
Тој го нарече првиот диломат на Луксембург „надмен, арогантен и збунет“ и го поистовети со европските институции во Брисел.
Конзервативната влада на Унгарија на чело со премиер Виктор Орбан е во постојан судир со ЕУ во текот на последните неколку години речиси за се, од миграцијата и смртната казна, до возраста на пензионирање на судиите и независноста на централната банка или на судовите.
На 2 октомври во Унгарија ќе се одржи референдум, на кој гласачите треба да се изјаснат дали се согласуваат со решението на ЕУ за прераспределба на апликаните за азил меѓу земјите-членки, на што Будимпешта остро се противи.