Украинските владини сили денеска презедоа контролен пункт во западниот дел на градот Доњецк, кој важи за упориште на проруските сепаратисти во источниот дел на Украина.
Западните медиуми јавуваат дека бил забележан тенк со националното знаме на Украина во доњецкото предградие Маринка, преку кое минува главниот пат до градот. Меѓутоа, во Маринка се уште има снајперисти на сепаратистичките сили.
Воен портпарол истакна дека и натаму ќе продолжат борбите за целосно преземање на Маринка.
Офанзивата на украинските сили за безбедност против вооружените сепаратисти сега е фокусирана врз опсада на градовите Доњецк и Луганск, кои се под контрола на сепаратистите, како и помалку стратешки важното населено место Хорливка.
Украинските сили вчера соопштија дека ја презеле важната железничка линија Јасинувата, северно од Доњецк, со што успеале да прекинат „значаен канал за испорака на оружје за бунтовниците“.