Украинската војска го гранатирала центарот на Луганск, а во нападот врз рускиот граничен премин Новошахтинск уништени се автобускиот терминал и седиштето на царинската служба, пренесоа денеска украинските медиуми.
Според очевидци, украинската војска извршила два воздушни напада врз густо населени цивилни подрачја, а властите во Киев порачуваат дека одговориле на гранатирањето што го извршиле сепаратистичките сили.
-Првиот авион се појави околу 11 часот и го погоди центарот на градот, уништувајќи ја полициската станица, зградата на судот и уште две куќи. Нема да го знаеме бројот на жртвите се додека не се расчистат урнатините, изјави шефот на локалната администрација Владимир Билоус. Тој додаде и дека ситуацијата на местото на вториот напад е уште полоша: деветмина погинати, а 11 ранети. Меѓу жртвите е и петгодишно девојче и нејзиниот татко, пренесе ИТАР-ТАСС.
Руските медиуми потсетуваат дека во Луганск живеат околу 15.000 лица, кои не биле директно вмешани во борбите меѓу владините сили и претставниците на самопрогласената „Народна Република Луганск“.