Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и украински претставници денеска потпишаа договор за проширување на присуството на Алијансата во Украина, соопшти претседателот Петро Порошенко, пренесува ТАСС.
– Потпишавме три важни договори, за статусот на канцеларијата на НАТО во Украина, декларација за проширување на соработката со НАТО и патна карта во сферата на стратешките комуникации, истакна украинскиот претседател.
Постојните во Украина цивилна и воена канцеларија на НАТО ќе бидат обединети и проширени, а правата и функциите на новата канцеларија на НАТО ќе бидат зголемени, соопшти претходно специјалниот претставник на Генералниот секретар на НАТО за Кавказ и Централна Азија Џејмс Апатурај.
Потпишувањето на договорите има за цел зајакнување на соработката меѓу НАТО и Украина во стратешките комуникации, воените прашања и спроведувањето на специјални операции.
Порошенко, кој денеска претседаваше со Советот за национална безбедност во присуство на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, изрази намера за промена на одлуката против влез на земјата во Алијансата. Сепак, тој нагласи дека членството на земјата во НАТО ќе биде одлучено на референдум.
Според официјални претставници на НАТО Украина треба да изврши политички, економски, социјални и воени реформи пред да се разгледа нејзиното членство во Алијансата.
Столтенберг, исто така, порача дека е важно да се задржат минските договори.
– Минските договори се единствен начин за решавање на кризата. Ги поздравуваме сите напори за задржување на тие договори. Режимот на прекин на огнот во Источна Украина во целина се почитува. Тоа дава надеж, но ситуацијата сепак останува деликатна, нагласи тој.