Поранешниот американски претседател Доналд Трамп нема претседателски имунитет и би можел да биде кривично гонет под обвинение за обид за поништување на изборите во 2020 година.
Ова го соопшти американскиот суд.
Трамп постојано тврдеше дека има имунитет и дека не може да биде кривично гонет.
„Секој извршен имунитет што можеби го штитеше додека беше претседател, веќе не го штити од кривично гонење“, едногласно одлучи советот од тројца судии.
Ова е втор пат во исто толку месеци судиите да го отфрлат аргументот на Трамп дека е имун од гонење за постапките што ги презел за време на неговиот мандат и за време на нападот на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.
Трамп во историскиот правен случај тврди дека е имун од кривични пријави за дела за кои рече дека спаѓаат во неговите должности како претседател. Но, пресудата од вторникот во Вашингтон го отфрли тоа тврдење. Тоа е назадување за Трамп, кој со години се повикуваше на претседателскиот имунитет додека се бореше со повеќе случаи, пишува Би-Би-Си.
Поранешниот претседател се очекува да поднесе жалба на пресудата, што значи дека случајот на крајот може да оди до Врховниот суд каде републиканците имаат мнозинство од 6-3.
Американскиот специјален советник Џек Смит го обвини Трамп (77) за заговор да ја отфрли победата на Џо Бајден на изборите во 2020 година и за измама за да остане на функцијата.
Судењето за тој случај првично беше закажано за 4 март, но беше одложено во очекување на одлуката за барањето имунитет.
Тоа може да биде одложено со недели, ако не и со месеци, доколку случајот заврши пред Врховниот суд.