Жител на Мајорка е уапсен бидејќи заразил 22 лица со коронавирус. Тој бил свесен за болеста, но продолжил да оди на работа, дури бил и во теретана објави локалната полиција во Шпанија.
Полицијата почнала истрага кон крајот на јануари откако добила информации дека едно лице е заразено, а оди на работа.
Човекот имал видливи симптоми на коронавирусот, но ги игнорирал повиците од колегите и од претпоставените да оди на тестирање. Дури и откако отишол да се тестира, наредниот ден се вратил на работа.
Тој намерно ја симнувал маската додека кашлал. Во еден момент рекол дека сака да ги зарази сите околу него, соопшти полицијата.
Неодгворниот болен заразил пет колеги на работното место, тие потоа ја пренеле болеста на членови на нивните семејства.
Мажот заразил и неколку луѓе во теретаната. Полицијата соопшти дека човекот вкупно заразил 22 лица.