Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ја добија војната против Иран, додавајќи дека Иран се согласи никогаш да нема нуклеарно оружје во иднина.
„Сите нивни лидери се заминати. Никој не знае со кого да разговара. Но, ние всушност разговараме со вистинските луѓе, а тие толку многу сакаат да склучат договор. Немате поим колку очајно сакаат да склучат договор, но ќе видиме што ќе се случи“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа, според Скај њуз.
Според него, иранските претставници кои разговараат со американскиот тим го прават тоа „многу разумно“.
Трамп додаде дека САД се претставени во преговорите од специјалните пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф, како и од американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД – Џ.Д. Венс.
„Другата страна сака да склучи договор. Кој не би го направил тоа на нивно место? Нивната морнарица е исчезната, воздухопловните сили, комуникациите, сите системи за воздушна одбрана, ракетите. Можете ли да наведете едно нешто што не е уништено или што работи добро? Летаме слободно над Техеран, можеме да правиме што сакаме“, рече американскиот претседател.
Тој го критикуваше известувањето на одредени медиуми во САД, велејќи дека тие шират „лажни вести“.
„Го читате Њујорк Тајмс и како да не добиваме војна таму каде што Иран нема морнарица и воздухопловни сили, ништо. Буквално имаме авиони што летаат над Техеран и други делови од земјата. Тие не можат ништо да сторат во врска со тоа“, рече тој.
Кога станува збор за Ормутскиот теснец, Трамп рече дека Иран им дал „голем подарок“ на Соединетите Држави.
На прашањето на новинарите зошто преговара со Иран ако не им верува на нивните претставници, Трамп рече: „затоа што тие ќе склучат договор“.
„Вчера направија нешто што беше всушност неверојатно. Ни дадоа подарок, а подарокот пристигна денес. Тоа беше многу голем подарок вреден огромна сума пари и нема да ви кажам каков е подарокот, но беше многу значајна награда. Тоа ми значеше едно – имаме работа со вистинските луѓе“, рече Трамп.
