Терористичките напади од 13 ноември ќе се одразат врз економскиот раст на Франција со 0,1 од БДП во текот на наредните месеци, оценија службите на француската влада.
Како што јави дописникот на МИА на Париз, според проценките направени една недела по терористичките напади, туристичкиот сектор, но исто така и потрошувачката на домаќинствата и индустријата ќе трпат последици од атентатите.
Ваквата информација ја објави радиото РТЛ, но таа не е потврдена од француското Министерство за финансии.
Во јануари исто така беа направени и проценки за последиците од нападите врз магазинот „Шарли Ебдо“ и продавницата за кошер храна. Тогаш експертите своите анализи ги темелеа на она што се случуваше во минатото по напади во Франција и светот, предвидувајќи економски раст од 0,7 отсто и зголемена потрошувачка.
Но, овој пат, последиците од последните напади, според економистите може да бидат поголеми поради сомнежите за способностите на Франција да спречи нови напади.
Засега нема точни податоци за да се утврдат последиците од нападите на економски план, уште повеќе ако се знае дека според францускиот Институт за економски и статистички студии, туризмот во Франција се држи добро.
Во третиото квартал од 2015 година, пред напшадите, бројот на ноќевања во хотелите и камповите порасна за три отсто во споредба со истиот период на 2014 година. Растот беше посебно нагласен во хителите со четири или пет ѕвездички и тоа од 5,1 отсто на крајбрежјето и 7,2 проценти во планините.
Првата недела по нападите, резервациите за летови кон Париз се намалија за 27 отсто.
Според испитувањето на Федерацијата на работодавачите, една третина од малите и средните претпријатија забележаа намалување на активностите по нападите, а истовремено 44 проценти изразиле стравувања од последиците на долгорочен економски план.