Соединетите Американски Држави живеат под притисок на секојдневна закана, откако федералната безбедносна служба ФБИ уапси 18 годишен муслиман, жител на Чикаго кој сакал да активира автомобил бомба пред бар во центарот на градот.
Агенти на ФБИ неколку месеци контактирале со Дауд, кој изразил интерес да изврши терористички напад во САД, и претставувајќи се како исламисти, му понудиле помош за изработка на автомобил бомба. Дауд сакал да нападне воени бази, ресторани или туристички атракции во Чикаго. Подготвеното оружје не било опасно за јавноста. Во петокот вечер Дауд го паркирал возилото во кое мислел дека има активна бомба пред бар во центарот на градот, се оддалечил и се обидел да го активира. Притоа веднаш бил уапсен од агентите на ФБИ кои го следеле секој негов чекор.
– Сакам да извршам голем напад, нешто што ќе го има во вестите, пишувало во една од електронските пораки разменети меѓу Дауд и агентите на ФБИ.
Бомбашката закана следи откако десетици илјади студенти во универзитети во Тексас и во Северна Дакота беа евакуирани во петокот, по лажни телефонски закани за подметнати бомби. И овие закани се доведуваат во врска со зголемените тензии по нападите врз дипломатските претставништва на САД во Бенгази и Каиро, извршени на 11 септември, во кои беа убиени американскиот амбасадор во Либија Кристофер Стивенс и уште тројца Американци.
Стејт департментот вчера ги предупреди сите Американци да се воздржат од патување во Тунис и во Судан, две држави каде исто така има насилни протести против амбасадите. Помалку важните вработени во дипломатските претставништва во овие две земји, и семејствата на сите дипломати, се евакуирани. Американското знаме и придружни објекти на американската амбасада во Тунис беа запалени во петокот, во судир во кој беа убиени и четворица Тунижани. Стејт департментот вчера објави фотографија на која се гледа како американското знаме повторно се вее над оваа амбасада.
САД испраќаат засилувања во дипломатските мисии во голем број на држави, во кои имаше или се очекуваат протести. Властите на Судан и Јемен го одбиле американското барање за распоредување на единици на маринци за да се засили обезбедувањето во амбасадите. Во меѓувреме, од денес во Персискиот залив се одржуваат 12 дневни воени вежби на САД, Британија, Франција, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, на кои САД учествуваат со три носачи на авиони и десетина други воени бродови. Цел на вежбата е да се провери подготвеноста на западните земји и нивните арапски сојузници да се одржи отворен Ормутскиот теснец, значаен канал за транспорт на нафта од Персискиот залив, во евентуален судир со Иран.
Телевизијата Фокс објави дополнителни детали за нападот извршен во воената база Камп Бастион во Авганистан во петокот, во која двајца американски маринци беа убиени. Базата, во која е распореден и британскиот принц Хари, била нападната од страна на голема група авганистански талибански герилци кои се приближиле облечени во американски униформи, јавува Фокс. Во нападот талибанците успеале да уништат пет американски воени авиони и да оштетат уште три. Во борбата што следела, американските војници убиле 16 талибанци.