Тајван годинава ќе распореди 50 ракети со среден дострел, насочени против воени бази во југоисточна Кина, објавија тајвански медиуми.
Ракетата „Јун Фенг“ со радиус на дејствување од над 1.000 километри е разработена од тајванскиот државен научно-технолошки институт, соопшти весникот „Чајна тајмс“, кој излегува во Тајпеј, повикувајќи се на анонимни воени претставници. Во ракетната програма учествувала и една европска земја, чие име не е објавено.
Овие ракети ќе бидат распоредени во планините на централниот остров и ќе бидат насочени против воени објекти, вклучително аеродроми и ракетни бази во југоисточните крајбрежни делови на Кина, наведува весникот.
Тајванското министерство за одбрана денеска одби да ги коментира информациите објавени од весникот „Чајна тајмс“.
Според воени експерти Кина поседува околу 1.600 ракети насочени кон Тајван.